Радуловиќ: Кошаркарски бевме подобри од МЗТ, можеме до брејк во вториот меч

Битолски Пелистер ја загуби првата битка во финалната серија на кошаркарскиот плеј-оф со МЗТ Скопје.

Во саботата во СЦ „Јане Сандански“ пелистерци немаа сили до крај да се борат со актуелниот бранител на титулата, а тренерот Дарко Радуловиќ вели дека неговиот состав има квалитет да стигне до брејк на вториот натпревар.

„За првпат сме во позиција да бркаме негатива. Загубивме еден натпревар, не е ништо страшно. На истиот само поради нашите технички грешки се доведовме во ситуација да загубиме. Инаку, бевме подобар тим – кошаркарски.

Се спремаме и фокусот треба да биде поголем на овој дуел. Во принцип желбата за победа постоеше и постои. Само концентрацијата и фокусот ќе бидат одлучувачки фактор. Да не се повторуваме, знаеме колку е моќен МЗТ Скопје, но и ние сме свесни кои се нашите квалитети и која е нашата мотивација и желба. Затоа сметам дека можеме да направиме еден „брејк“ во Скопје“, рече тренерот на Пелистер.

Втората средба меѓу шампионот и вицешампионот на Македонија се игра вечерва со почеток од 19:00 часот.