Радуловиќ: Има што да поправиме, ама мора да честитам за трите победи

МЗТ Скопје оствари убедлива победа над Ловќен (100-81) во „балонот“ во Сараево и со три победи на три меча си заминува дома. Тренерот Дарко Радуловиќ беше задоволен од постигнатото во овој прозорец во рамки на АБА-2 лигата.

„Влеговме доста добро во натпреварот, посебно шутерски. Ги искористивме сите проблеми на противникот во одбраната и профитиравме. Првиот дел не го завршивме онака како што треба, иако имавме 18 разлика предност. Сепак, повторно се врати добрата игра. Она кое ме изнервира беше четвртата четвртина во која примавме лесни кошеви. Сепак, мора да бидам задоволен од момците, од дисциплината и од храбрата игра. Има работи кои мора да ги поправиме, ама мора и да се честита за трите победи на трите меча“, изјави Радуловиќ.

Следните предизвици за македонскиот шампион во регионалното натпреварување ќе бидат во месец јануари, кога ќе се игра „балонот“ во Бања Лука.