Радуловиќ: Го добивме еден од фаворитите за влез во елитата

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје со победа ја отвори новата сезона во АБА-2 лигата. Во првиот меч од „балонот“ во Златибор, падна тимот на Младост Земун (90-97), а по мечот, тренерот Дарко Радуловиќ беше задоволен од прикажаното на „штрковите“ против една од најдобрите екипи во лигата.

„Мило ми е што со победа ја отвораме сезоната особено поради тоа што совладавме тим како Младост кој сигурно ќе биде еден од фаворитите за пласман во елитата. Очекував ваков тежок, динамичен меч и мислам дека добро се покажавме бидејќи водевме речиси во сите 40 минути. Се разбира дека покажавме слабости, ама нив ќе ги елиминираме со текот на времето како што екипата ќе се воигрува. Морам да бидам задоволен бидејќи постигнавме многу поени од контранапади, имаме квалитетен скок и го остваривме она кое се договаравме.“, изјави Радуловиќ.

Следниот натпревар за МЗТ Скопје во АБА-2 е закажан на 14 октомври против тимот на Рогашка.