Радуловиќ: Добро е што победивме и со не толку квалитетна игра

МЗТ Скопје со две победи на два меча се враќа дома од АБА-2 „балонот“ кој се одржа во Осијек. По Пелистер, тимот кој падна пред аеродромци беше домаќинот на овој турнир Осијек (73-83), а по натпреварот, тренерот Дарко Радуловиќ беше задоволен од победата, но не и од играта за која смета дека има простор за напредок.

„Претпоставував дека ова ќе биде тежок меч затоа што знаев дека Осијек ќе биде високо мотивиран. Ние малку можеби влеговме со поблаго темпо и малку демотивирано, но момците добро трчаа и играа во второто полувреме, ја стегнаа одбраната и успеавме да се вратиме. Мора да извлечеме поуки, имавме проблеми со скокот денес, што не беше случај на пример на претходниот меч. Имавме и многу загубени топки. Добро е што победивме со не толку квалитетна игра. Значи дека имаме простор за напредок и ќе одиме само нагоре“, изјави Радуловиќ.

За МЗТ Скопје ова беше трета победа во АБА-2 лигата и тимот избега од долната зона во регионалното натпреварување.