• Горан Упале

Требаше да биде најважниот натпревар во сезоната во АБА2 лигата, но неочекуваната победа на Широки над Џокер пред два дена, ја остави Подгорица без шанси за пласман во следната фаза од регионалното натпреварување.
Поради тоа тимот од Црна Гора во Битола допатува без посебен императив за победа, но сепак тренерот Бошко Радовиќ најави голема борба и славје на неговите избраници.
„По синоќешната победа на Широки, гостувањето кај Пелистер за нас нема никакво значење, бидејќи преминот во следната фаза од нашата група веќе го обезбедија Џокер и Широки. Сепак, сакаме со победа да ја завршиме сезоната во АБА2 лигата и да одиграме добар натпревар. Свесни сме дека нема да биде лесно, Пелистер е сериозна екипа и на домашен терен секако се фаворити. Имаше одредени промени во тимот, многу важен играч е надвор од теренот поради повреда, но ние дефинитивно ќе се обидеме да победиме“, рече Радовиќ.
И Пелистер е без шанси за понатамошен пласман, па двете екипи овој натпревар кој започнува од 20:00 часот ќе го играат за престиж.