Работнички во финишот го „скрши“ Еуро Никел и закажа Куп-финале со МЗТ!

Кошаркарите на Работнички успеаја да го скршат Еуро Никел во самиот финиш и со 85-79, со што се пласираа во ново финале во Купот на Македонија. Пресметката во СРЦ „Кале“ беше целосно изедначена, кавадарчани беа апсолутно рамноправен ривал и во целост му парираа на фаворизираниот противник. Сепак, проблемите со личните грешки ги натераа во финишот да не играат во свој стил, па Работнички се радува на триумф.  

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Еуро Никел:

„Црвено-белите“ отворија неверојатно, со серија од 9-0 најавија дека сакаат рано да се одлепат, ама никелци не дозволија такво нешто. Одговорот беше инстантен, па кавадарчани дојдоа до позитива од 13-11. Во првите десет минути се играше изедначено, Работнички пак поведе и со предност од 24-20 замина на првата пауза. Центарците диктираа темпо, често беа во предност и во неколку наврати беа на прагот од двоцифрена разлика. Сепак, Еуро Никел играше добро, парираше и не дозволи ривалот и фаворит да се одлепи, а пред полувремето успеа и да поведе (44-47). 

Третата четвртина им припадна на гостите од Кавадарци, кои константно водеа и во неколку наврати дојдоа на +7. Работнички пак не се откажа и во очи последните десет минути успеа да се врати резултатски. Четирите поени заостанок не значеа ништо и тоа ветуваше одлична завршница на натпреварот. 

Мираковски го консолидира тимот на третата пауза меѓу четвртините. Работнички тргна посмело и тоа резултира со преземање на водечката улога, па центарци беа тие кои го диктираа резултатот во пресрет на завршницата. Никелци никако не сакаа да испуштат приклучок, константно беа тука некаде и се држеа на еден до два поседи во корист на ривалот. 

Во последната минута Работнички влезе со позитива од два поени откако поентираше Булатовиќ. На спротивната страна, момент кој можеше да биде одлучувачки беше прекршокот на Мијатовиќ во напад. Сепак, Питс не го искористи тој моменти и Работнички му остави простор на противникот да се врати, ама Дубински направи „бунар“ од шут за три поени. Мијатовиќ и Рикиќ собраа по пет лични грешки, па во завршницата Еуро Никел мораше без искусните да се помири со поразот во полуфиналето. 

Филип Бундовиќ беше најдобар поединец на средбата од Работнички со 29 поени на своето конто, а му помогна Мулалиќ со 17. Кај Еуро Никел Петровски и Рикиќ уфрлија по 16, додека Соколов собра 14 поени кои беа недоволни а триумф на крајот.