Работнички убедливо го надигра ТФТ и обезбеди место во АБА-2 лигата!

Екипата на Работнички дојде до втората победа над ТФТ во серијата за третото место на домашната сцена (68-96) и така обезбеди триумф во серијата до три меча и место во регионалната АБА-2 лига.

Тафталиџани им парираа на центарци само десет минути (17-18), но потоа следеше подемот на Работнички со кој се зачекори кон победата. Првиот удар црвено-белите го зададоа преку Виктор Ефремовски кој даде две тројки од кои една под фаул и се замина на 20-31. Потоа блескаа странците, тоа беа Декоси, Џелетовиќ, Рикиќ и Трис. 

На пауза Работнички замина со предност од 32-41, а во продолжението од мечот се беше во знакот на гостинот во „Кале“. Во последните десет минути се влезе со 51-66 за најтрофејниот колектив, додека во четвртиот квартал, Самарџиев ротираше, шанса им даде на играчите од клупата, но триумфот не беше под знак прашалник.

Најдобар стрелец кај Работнички беше Ѓуроски со 22 поени, пред Трис и Шошкиќ со по 13 постигнати поени, додека капитенот Ефремовски реализира 12 поени. Кај ТФТ, Верц имаше 14 поени, пред Хотон со дабл-дабл од 13 поени и 11 скока, додека Калхун погоди 12 поени.

Третиот натпревар од серијата за третото место се игра на 25 мај.