Работнички убедлив против Слобода, но не избегна плеј-аут во АБА2

По фантастичната победа на десеткуваниот МЗТ Скопје над Златибор, попладнево и вториот македонски претставник во АБА 2 лигата, Работнички, славеше на турнирот во Златибор, откако со сигурни 87-77 совладан беше тимот на Слобода Ужице. Сепак, и покрај денешниот триумф, тимот од „Градски Парк“ опстанок во лигата ќе мора да обезбеди преку плеј-аутот. 

Уште од првата минута момците на Мираковски беа решени што побрзо да го затворат прашањето на победникот на овој натпревар. Тргнаа доста квалитетно во двата правци, а тоа им донесе и убедливи +11 по првите 10 минути. Во вторите, Слобода успеа да се соземе, но не и да на намали разликата, па на полувреме Работнички имаше позитива од дури 13 поени.

Македонскиот тим и по одморот продолжи во ист стил и носен од расположениот Младеновски немилосрдно го полнеше противничкиот кош и во финалните 10 минути влезе со водство од 21 поени (67-46). Убедливата предност како да ги опушти „центарци“ во последниот квартал, а тоа српскиот тим успеа да го искористи, но само за пристоен пораз од 87-77.

Младеновски одново имаш фантастичен меч во Златибор и денес реализира 20 поени и 17 скока, а солиден во редовите на победничкиот тим беше Тронтон со 18 поени.