Работнички со новите засилувања покажа доминација против Сутјеска

Екипата на Работнички по поразот од МЗТ Скопје дојде до победа над Сутјеска (84-62) во рамки на АБА-2 лигата и покажа дека со новите засилувања ќе биде незгоден за секој ривал во понатамошниот дел од натпреварувањето.

Центарци добија тројца нови играчи, а тоа беше евидентно на теренот. Тренерот Димитар Мираковски имаше можност повеќе да ротира, а доброто за најтрофјениот колектив е што Бундовиќ и Мулалиќ беа лидери кај поентерите, додека одличен беше и Тортон кој одигра меч без промашување.

Уште од самиот старт на натпреварот, Работнички покажа дека е фаворитот на оваа средба. Тимот од Градски парк по првиот квартал имаше двоцифрена предност 26-16 и потоа се беше полесно. Истата се одржуваше константно, а Сутјеска ниту еднаш не се закани дека може да направи сензационален кам-бек во мечот кој се игра во „балонот“ во Сараево.

Прво име кај стрелците беше Филип Бундовиќ со 18 поени, пред Мулалиќ со 17 поени, додека трет кај Работнички заврши Питс со 11 поени. Кај Сутјеска најмногу се истакнаа Брзоја и Спасивојевиќ со по 14 поени, а Лаловиќ финишира со 12 поени.

Работнички следниот натпревар го игра за два дена, кога се соочува со Широки Бријег.