• Мартин Танасковски

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички е на работ на елиминација од Европа купот на ФИБА. Центарци доживеаја висок пораз на гостински терен кај Парма во Перм (88-63) и мисијата за пласман во наредната квалификациска фаза ја направија речиси невозможна.
Домаќинот доминираше во сите четири периода и заслужено дојде до посакуваниот триумф. Тимот на Марин Докузовски кој по повеќе од една деценија играше повторно во Европа имаше доста проблеми во шутот за два кој процентуално доста заостануваше зад оној на домаќинот, а исто така, во клучните моменти кога се градеше разликата, центарци беа и натскокани. Голем проблем Докузовски имаше и во кратката клупа, која и на овој меч се покажа како пресудна.
По првиот период Парма водена од Гејнс имаше предност од 24-17, за на полувреме да замине со предност од осум поени (41-33). На стартот на третиот период, со тројка на Гејнс, Парма дојде и до прво двоцифрено водство (46-36), кое не го испушти до самиот крај.
Во последните десет минути, поради расположените шутери за три на Парма, нашиот најтрофеен клуб влезе со негатива од 20 поени (68-48), а до финишот, и покрај ротацијата на домаќинот, разликата достигна и до високи 25 поени (88-63).
Најдобар поентер кај Работнички беше Костов кој го одигра цел натпревар и заврши со 22 поени, а го следеше Гинјард, со вкупно 14 поени. Останатите кошаркари беа едноцифрени, а најмногу имаше Крстевски, кој запиша седум поени. Кај Парма, одличниот Гејнс даде 23 поени, а го следеше Јаковоленко со 16 поени, додека Милер-МекИнтир постигна 13 поени.
Реваншот во Скопје меѓу Работнички и Парма Перм се игра на 27 септември, во СЦ „Борис Трајковски“.