Работнички се пресели од „Градски парк“, ама пак беше силен за Вардар

Најтрофејниот кошаркарски колектив, екипата на Работнички, запиша нова посакувана победа во Првата лига над Вардар (81-76) како домаќин во друга сала, затоа што натпреварот се одигра во СРЦ „Кале“.

Центарци првично го имаа закажано дуелот против вардарци во својот дом, салата „Градски парк“, меѓутоа поради силниот дожд и фактот дека прокиснува не даваа услови за игра. Во последен момент екипите се преселија во вардаровиот дом „Кале“, но и таму Работнички беше силен.

Избраниците на Мираковски имаа контрола на играта во текот на воведните три периода и заслужено дојдоа до триумф. Константно се водеше, а Вардар ниеднаш не се закани дека може да му ги помати сметките на фаворитот. Најдобар во триумфот беше Балзамовиќ со 26 поени, Мијатовиќ уфрли 18, а Младеновски имаше „дабл-дабл“ од 13 поени и 11 скока, додека кај Вардар прво име беше Провел со 20 поени.

За Работнички ова беше дванаесетти триумф сезонава и тимот е на делба на второто место со Гостивар со скор 12-2. Вардар, пак, се наоѓа на претпоследното место со скор 3-14.