Работнички се намачи, ама во финишот го „преплива“ Црн Дрим

Екипата на Работнички се намачи, ама славеше над Црн Дрим (84-81) и со победа ја стартува новата 2021 година во македонскиот кошаркарски шампионат. За Работнички ова беше шести меч во новата сезона и тимот има скор 6-1.

Најтрофејниот по првиот дел беше во негатива, а до победата дојде во финишот од натпреварот. Стружани на Чочороски покажаа заби во „Кале“, па Работнички мора да е среќен што против новајлијата во најелитниот кошаркарски шампионат дојде до полн плен и тоа пред самиот крај на средбата.

Кога ќе се погледне текот на натпреварот, двата тима беа резултатски близу до 21-23, а потоа Миса и Каухерд донесоа 21-27 за гостинот на паузата. Оттогаш, Работнички константно бркаше, но ниту еднаш не го сврте резултатот во своја полза во првиот дел. На полувремето Црн Дрим водеше со 44-50, а пресвртницата настана пред крајот на третиот квартал, кога од 61-65, центарци го свртеа мечот и поведоа со 67-65 благодарение на мирната рака на Младеновиќ и на Вашингтон.

Црн Дрим се држеше во егал со најтрофејниот до пет минути пред крајот (72-71), па следеше пеколна серија на Работнички, преку Ефремовски, Питс и Балмазовиќ, за двоцифрена предност 82-71 и, на прв поглед, чекор кон посакуваната победа. Меѓутоа и двоцифрената предност не донесе мирен финиш, затоа што Црн Дрим иако губеше со 11 разлика, се врати на 50 секунди до крајот (82-81), ама техничката која ја доби клупата на гостите во последните секунди, скапо го чинеше тимот. Црн Дрим во последниот напад се обиде со тројка на Настовски да дојде до продолженија, но не успеа во намерата.

Најдобар кај победникот беше Балмазовиќ со 23 поени и 10 скока, пред Вашингтон со 16 и Младеновиќ со 11 поени. Кај гостинот, Каухерд имаше 27 поени, пред Настовски со 11 постигнати поени.