• Горан Упале
Кошаркарите на Работнички се првиот патник во полуфиналето од овосезонскиот плеј-оф во Првата кошаркарска лига на Македонија. Најтрофејниот во четвртфиналната фаза со убедливи 3-0 го елиминира Феникс 2010 и уште еднаш докажа дека сезонава е спремен по подолго време да го нападне трофејот во домашниот шампионат. По двете победи на свој терен, вечерва Работнички беше најубедлив и најефикасен и на гости славеше со 91-106.
- Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и Работнички:
Феникс 2010 во првите две четвртини одлично се држеше против фаворизираниот противник, но по паузата Работнички одигра спектакуларно и со 19-34 со обезбеди предност која што беше недостижна за домаќинот. На крај момците на Горан Самарџиев славеа со 15 поени разлика.
Вечерашниот дуел во „Јане Сандански“ беше посебен за поранешниот македонски репрезентативец, Бојан Трајковски, кој го одигра последниот натпревар во кариерата. Искусниот центар во својата кариера освои пет титули во домашното првенство, шест трофеи во Купот на Македонија, една титула во косовскиот шампионат и трофеј во БИБЛ лигата во 2015 година.
Противник на Работнички во полуфиналето најверојатно ќе биде тимот на Пелистер, кој има сигурно водство од 2-0 против Еуро Никел 2005. На другата страна од ждрепката, пак, МЗТ Скопје води со 2-0 против Гостивар, додека ТФТ и Чаир имаат по една победа (1-1).