Работнички пред детронизација, МЗТ направи „брејк“ и е на победа до титула!

Екипата на МЗТ Скопје го зададе и вториот удар во битката за титула, откако во финалната серија направи „брејк“ и вторпат славеше над Работнички (60-69), со што тимот од Аеродром се наоѓа на една победа од титулата.

Дуелот во Карпош во СЦ „Борис Трајковски“ беше сличен како оној во Аеродром. Добар старт на Работнички, но супер-финиш на МЗТ и хепи-енд за „штрковите“. Хендикеп во играта на центарци беше повредата на Караџовски, па исклучувањето на Стајиќ, па далеку подолгата клупа на МЗТ го искористи тоа. Првата меч-топка МЗТ ќе ја има за два дена, во СЦ „Јане Сандански“ пред својата публика.

Дуелот почна со доминација на Работнички, кој исто како во Аеродром, тргна доста поумешно во нападот. Избраниците на Докузовски имаа предност и во еден период од првиот дел водеа со десет поени (21-11), но голем хендикеп беше што останаа без плејмејкерот Димитар Караџовски кој се повреди.

МЗТ константно бркаше резултат, но ниту еднаш не успеа да ја анулира негативата до полувремето. Работнички константно водеше со предност од најмалку пет поени, а на паузата имаше 38-32. Во последните десет минути домашните влегоа со 50-47, за разврската да следи во финишот.

Работнички ја чуваше предноста од четири поени, се до петтата минута од последниот период, кога на сцена стапи Дамјан Стојановски и со две брзи „двојки“ изедначи на 54-54, а потоа, истиот играч украде топка, го проигра Иванов, кој донесе прва предност за МЗТ на мечот (54-56). Проблемите продолжија со исклучувањето на Стајиќ поради петта лична, па МЗТ воден од Стојановски кој беше главен разигрувач и поентер, поведе со 54-62 на две и пол минути пред крајот. Во финишот, МЗТ одигра рутински, онолку колку што му беше потребно да ја задржи победата.

Најдобар кај МЗТ беше Стојановски со „дабл-дабл“ од 16 поени и 10 скока, додека Иванов и Медфорд дадоа по десет поени, Кај Работнички прво име беше Чавдар Костов со 19 поени, а Ефремовски и Младеновиќ завршија со по 10 поени.