• Саше Љолес

Кошаркарите на Работнички загубија од Куманово во првиот натпревар од разигрувањето за третото место во кошаркарскиот плеј-оф (74-79) Влогот е секако голем, затоа што третата позиција може да донесе пласман во АБА-2 лигата следната сезона.
- Комплетниот натпревар помеѓу Работнички и Куманово:
Двете екипи добија по една четвртина во првото полувреме, бевме сведоци на прилично израмнета игра, а на паузата резулатот гласеше 42-41 во корист на домаќинот.
Куманово немаше намера лесно да се откаже од шансата за триумф, остана во егал и по истекот на третиот период, па така Работнички влезе во последните десет минути со половина кош предност.
Минималното водство се менуваше во првите моменти, кумановци делуваа дека се во солиден ритам и побегнаа на +4 во 36. минута. Домаќините свикаа тајм-аут и се обидоа да ги консолидираат силите, а тоа резултираше со тројката на Ефремовски и и два „пенали“ на Роше. Екипите ги отворија шутевите, погодуваа на двете страни, а на две минути до крајот гостите повторно водеа со четири поени разлика (70-74).
Во последните минути подобро се снајдоа кумановци, кои на крајот ја запечатија победата со конечни 74-79 и со „брејк“ ја селат серијата на свој терен, каде ќе го пречекаат ривалот на 25 мај во 19:00 часот. Тадија Тадиќ беше автор на 18 поени кај победникот, а два помалку додаде Јаневски. Кај Работнички најефикасен беше Жулиан Роше со 15 поени, а поен помалку впиша Андреј Шошкиќ.