• Иван Димовски

Кошаркарите на Работнички ја забележаа втората победа на стартот на новата сезона во Суперлигата на Македонија, откако дома сигурно славеа против Тиквеш со 86-70. По стартниот триумф на гости кај Струмица, сега тимот од „Градски парк“ ги израдува домашните фанови во меч кој се одигра пред солидна бројка на публика.
- Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Тиквеш:
Уште од стартот на средбата домаќините се наметнаа и поведоа двоцифрено, но по првите десет минути имаа 19-12. Во вториот период Работнички одигра моќно, предноста драстично порасна и достигна огромни „плус 26“. Разоружаниот Тиквеш на пауза имаше негатива од 49-26.
Кавадарчани пружија поголем отпор во вториот дел, ама и домаќинот се опушти по стекнатата предност. Резултатски гледано Тиквеш ја доби третата четвртина со 18-22, меѓутоа тоа не смени многу. И во последната четвртина Работнички за момент ја повтори највисоката разлика од 26 поени, за на крајот гостинот да врати десет и да запише поподнослив пораз.
Виктор Ефремовски беше најефикасен играч со 21 поен на своето конто, додека од помош му беа Рикиќ со 14, Говенс со 12 и Робев со 10. Кај гостите се истакна Волф со 20 поени, додека 18 имаше Сикес, но недоволно за добар резултат.








