Работнички победи по драма, Вашингтон со две тројки го „олади“ Еуро Никел

Најтрофејниот кошаркарски колектив Работнички одигра вистински драматичен меч со Еуро Никел и со тешка мака дојде до победа (89-85), иако беше во позитива во поголемиот дел од средбата и го задржа перфектниот скор во Првата лига.

Домаќините кои беа приморани да играат во СРЦ „Кале“ поради лошите услови во „Градски парк“ во еден момент од мечот водеа со 19 поени разлика (54-35), ама и тоа не беше доволно да се приведе средбата во лесен финиш во своја корист. Еуро Никел не се предаде, се врати во само неколку минути, ама два напади во финишот одлучија бодовите да заминат на контото на Работнички.

Гостинот од Кавадарци подобро го отвори мечот, по десет минути имаше 21-25, но Работнички се разбуди во вториот период и се разигра. Тимската игра излезе на површина, се постигнаа дури 33 поени и со добра поставеност под сопствениот обрач се замина на пауза со високи +17 (54-37). Караколев и Влаховиќ беа главната алка во тимот на Горан Самарџиев, па на влезот во последните десет минути негативата се преполови (75-66).

Последниот квартал се отвори со серија од 0-9 за израмнување (75-75) и следеше неизвесноста. Прашањето околу победникот се реши во последните три минути. Беше 82-82, па Јане Петровски погоди тројка на 1:49 до крајот, за предност на гостите (83-85). Но, на спротивната страна на сцена стапи Ламар Вашингтон, кој погоди две тројки, за победа од 89-85.

Токму Вашингтон беше најдобар на мечот со 20 поени и 7 скока, пред Питс и Балзамовиќ со по 13 поени. Кај Еуро Никел, прв играч беше Данило Мијатовиќ со 25 поени и 7 скока, пред Дарко Соколов со 19 поени.

Работнички оваа сезона има одиграно четири меча и е перфектен, додека Еуро Никел по пет натпревари има скор 3-2.