• Горан Упале

Кошаркарскиот клуб Работнички ќе мора да плати 30.000 денари поради инцидентот на натпреварот против Тиквеш, кој центарци го добија со 86-70 во првиот домашен настап во Суперлигата.
Причина за санкцијата е недоличното однесување од трибините, од каде што бил плукан еден од судиите, поради што натпреварот бил прекинат уште во втората минута. Така, победата на теренот доби непријатен епилог за 15-кратниот македонски шампион.
Работнички доби и опомена за дополнителни пропусти во организацијата на средбата. Во салата немало истакнато македонско знаме, а недостигале и личните грешки потребни за прикажување на записничката маса. За овие пропусти клубот не е парично казнет.
Казни добија и други учесници во кошаркарската Суперлига. Куманово ќе треба да плати 15.000 денари поради скандирањата на своите навивачи против Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Парична санкција од 10.000 денари му е изречена и на Штип, чии навивачи упатувале неспортски скандирања кон актерите на паркетот.











