„Работнички полека оди нагоре, оправдавме дека сме фаворити со Куманово“

Работнички ја оправда фаворитската улога и обезбеди пласман во полуфиналето од Купот на Македонија. Лесно беше совладан Куманово, триумф кој го радува помошникот на Марин Докузовски, Игор Михајловски.

Десната рака на популарниот „доктор“ по натпреварот говореше во име на тимот и истакна дека формата на Работнички полека оди во нагорна линија и дека на терен комплетно била оправдана фаворитската улога.

„Купот е тип на натпреварување каде не секогаш победува подобриот, но во последните неколку месеци формата на нашата екипа оди во нагорна линија. Минатата седица одигравме против Куманово (Супер лига) и го добивме тој натпревар. Мислам дека бевме фаворити на овој натпревар.Честитки на нашите играчи за победата, но и на играчите на Куманово за прикажаната фер игра“, изјави Михајловски.

Од таборот на Работнички говореше и Бобан Стајиќ, кој беше еден од подобрите играчи на центарци на оваа средба.

„Во натпреварот влеговме максимално. Не се подготвувавме за ниту еден противник освен за Куманово. Планот ни беше да одираме максимално, да направиме разлика па после колку можеме да се одмараме. Мислам дека добро го изменаџиравме тоа“, изјави Стајиќ.

Тренерот на Куманово, Александар Петровиќ, му честита на Работнички за пласманот во полуфинале и истакна дека центарци се далеку поквалитетен тим.

„Без оглед на тоа дека нам ни недостасуваат неколку играчи во ростерот, сепак Работнички во моментов е поквалитетен тим. Ние и со главите не бевме денеска овде на Куп-натпреварот. И честитам на екипата на Работнички, тоа што ние го прикажавме на терен најверојатно во моментов е нашиот максимум. Одиме понатаму, ќе се концентрираме на натпреварите од Супер лигата“, изјави Петровиќ.

Работнички во Куп-полуфиналето ќе игра со подобриот од натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Кожув.