Работнички од -15 до продолжение, но ТФТ ја впиша првата полуфинална победа

Екипата на ТФТ Скопје по голема борба и продолжение од пет минути славеше триумф со конечни 98-90 во првиот полуфинален натпревар од серијата против Работнички. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу ТФТ Скопје и Работнички:

Тимот од Тафталиџе одлично го започна мечот и прикажа одлична игра во првите две четвртини, а на паузата водеше со осум поени разлика (49-41). Во третиот период бевме сведоци на израмнета игра, а на почетокот од последните десет минути домаќинот повторно се „одлепи“ на +12, што резултираше со брз тајм-аут на Горан Самарџиев. 

ТФТ ја одржуваше двоцифрената предност и до средината на последниот период, но Работнички возврати со пет поени во низа и донесе нова неизвесност во пресрет на завршните минути. 

Играта се разгоре, Работнички беше бодрен од верните „Сити Парк Бојс“ и се врати на -4 со поените на Ѓуровски, a ТФТ во овие моменти се бореше да го задржи моментумот и реализираше поени преку Говенс. Следуваше нова тројка на гостите, па затоа Боро Смилковски побара минута одмор пред драмата во последните две минути. 

ТФТ се врати на позитива од три поени, но потоа ја прокоцка топката во следниот напад, а Работнички дојде на поен негатива и имаше напад за водство. Дубински се обиде да проигра, но одбраната на домашните ја исфрли топката во аут. Шошкиќ беше фаулиран на 15 секунди до крајот и погоди еден „пенал“ за 85-85 на семафорот. 

Во последниот напад ТФТ не реализираше обид за три поени, па така мечот замина во продолжение од пет минути. Домаќинот делуваше посвежо во дополнителното време, „побегна“ на +4, а Работнички полека ја загуби силата и мораше на крајот да се помири со пораз (98-90).

Најдобар поединец кај победниците беше Дарин Говенс со 25 поени, додека на спротивната страна пет поени помалку имаше Стојан Ѓуроски. Вториот натпревар меѓу скопските ривали се игра на 14 мај во 19:00 часот.