Трајковски со „трипл-дабл“ го уништи Работнички, трета врзана победа за Феникс

Работнички и Феникс 2010 одиграа возбудлив натпревар во рамки на десеттото коло од Првата македонска лига, а како поуспешен излезе излезе гостинскиот тим, кој на крајот славеше со конечни 79-87. Дуелот мина во знакот на протестите на домашните фанови кои протестираа против ангажманот на своите кошаркари и феноменалниот индивидуален квалитет на Бојан Трајковски.

  • Комплетниот натпревар помеѓу Работнички и Феникс 2010: 

Домашниот тим наметна солидно темпо во првиот дел, но Феникс воопшто не делуваше како аутсајдер и се одржуваше во резултатска неизвесност. На паузата Работнички имаше предност од пет поени, 48-43.

Второто полувреме започна со подобар ритам на гостинскиот тим, Феникс заигра поцврсто и кратко го презема водството на средината од третата делница, 52-58. Публиката упати критики за своите кошаркари кои делуваа помалку загубено, а гостите одлично го искористија моментот и до крајот на третата четвртина водеа со двоцифрена разлика, 59-70.

Стартот на последните десет минути донесе големи негодувања од домашните навивачи кои дури и ги навредуваа своите кошаркари, но тоа како да ги мотивираше избраниците на Горан Самарџиев и домаќините се вратија на три поени негатива, на нешто помалку од три минути до крајот. Сепак, Феникс одново беше мотивиран во завршните моменти и на крајот успеа да слави победа со конечни 79-87. 

Натпреварот мина во знакот на Бојан Трајковски, кој запиша „трипл-дабл“ - 12 поени, 13 скокови и 10 асистенции. Најефикасен во победничкиот тим беше Самае Џонс, кој запиша 20 поени, додека Роберт Рикиќ со 21 поен беше најрасположен кај Работнички.