Работнички не сака аеродромци, МЗТ прашува: До кога со ниски игри, господа?

Кошаркарскиот вицепрвак МЗТ Скопје е во исчекување на вториот меч од финалната серија со Работнички, а „вечните дербија“ не може да поминат во мирна атмосфера, кога се работи барем за соопштенијата.

Пред првиот дуел од Работнички бараа од Федерацијата да каже дали МЗТ е „чист“ кон неа, а пред вториот, со соопштение се огласија од МЗТ, од каде потенцираат на нечесни игри од страна на Работнички.

Причината за реакцијата е дека Работнички не дозволил слободна продажба на билети, поради што приврзаници од Аеродром не може да присуствуваат на финалето. Прашуваат - за кого се игра кошарката и воедно апелираат до раководството на мак-баскетот да се заинтересира за овој неспортски чекор.

  • Соопштението на МЗТ Скопје:

Наместо денеска да бидеме целосно сконцентрирани кон тоа што ќе се случува на паркетот во вечерашниот втор финален плејоф-меч, нашите мисли и фокус присилно се насочени на друга страна и тоа само поради неразбирливата одлука на управата на нашиот противник Работнички да не дозволи слободна продажба на билети за овој натпревар,

Како капак на сѐ, тие и не го испочитуваа меѓусебниот договор за размена на влезници за навивачите на двата тима, па наместо 200, колку што тие добија од нас за првата средба, денеска ни доставија 50 билети помалку, иако нашите потреби во моментов се и неколкукратно поголеми од оваа бројка.

Па, до кога со вакви ниски игри, господа од Работнички? До кога вашиот личен интерес ќе ви биде пред интересот на кошарката во целост? Зарем не можевте да го прифатите нашиот пример за организирање финален меч, кога во саботата во „Јане Сандански“ буквално секој можеше да дојде на трибините без разлика за кој клуб навива? Секој симпатизер на вашиот клуб, надвор од групата која претходно доби 200 влезници, можеше да си купи билет на каса и да си дојде да ги бодри своите миленици. Зошто сега ваквото право им го нарушувате на нашите навивачи и симпатизери, но и на сите останати кошаркарски вљубеници во државата? Особено што натпреварот се игра во салата „Борис Трајковски“, која ги има сите услови за организирање спектакл идентичен на тој во нашата сала. Претходно „Градски парк“ ви беше алиби за вакви потези, но сега го загубивте и тој „аргумент“.

Ова воедно треба да биде проблем и за КФСМ и новиот претседател Перо Антиќ, кој мора да се заинтересира за ваквиот неспортски чекор од таборот на црвено-белите. Со несфатливиот потег на управата на Работнички се руши имиџот на македонската кошарка, а тоа е нешто што тој никако не смее да го дозволи како носител на највисоката функција во макбаскетот.

Бидејќи, ако пресметката на двата најголеми кошаркарска клуба во државата не е достапна на секој спортски вљубеник и тоа кога се игра за шампионскиот трофеј во сала со капацитет од 7.000 седишта, тогаш навистина не ни е јасно како некој воопшто може да говори или да се надева дека овој спорт во скоро време ќе се врати во европскиот врв.

Во финалето МЗТ има предност од 1-0 поради победата на домашен терен, а вториот натпревар меѓу „вечните ривали“ се игра вечерва од 20:15 часот.