Работнички на рутина подобар од Академија ФМП

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички успеа да слави над Академија ФМП (88-60) во меч кој се играше во рамки на Првата лига.

Центарци важеа за апсолутни фаворити, а на терен ја оправдаа довербата. Овој натпревар беше од емотивно значење за домашните во салата „Градски парк“, затоа што публиката и кошаркарите му оддадоа чест на трагично починатиот Благоја Георгиевски - Буштур, кој животот го загуби во сообраќајка.

Што се однесува до мечот, Работнички ги доби сите четири периода. По десет минути беше 23-17, на полувреме резултатот гласеше 45-32, а со уште дополнителни десет добри минути, разликата за домашните се зголеми на 66-44. па последниот квартал беше само формалност за избраниците на Мираковски.

Најдобри кај победникот беа Лесколт и Ефремовски со по 16 поени, Мијатовиќ постигна 15, а Младеновски заврши со „дабл-дабл“ од 11 поени и 10 скока. Кај Академија ФМП прво име беше Харис со 15 поени, а го следеше капитенот Нацевски со 14 поени.

Работнички во Првата лига има скор 10-4, додека Академија ФМП е во долниот дел на табелата, со скор 4-10.