Работнички на неутрален терен го прегази Гостивар

Актуелниот кошаркарски првак Работнички покажува дека ја преброди кризата и на неутрален терен сигурно славеше над КК Гостивар (99-70), тим кој оваа сезона ќе разигрува за титулата во мак-баскетот.

Центарци имаа лесна задача против тимот на Марјан Србиновски, иако од гостиварчани се очекуваше поголем отпор. Јасно беше кој ќе биде победникот на овој дуел уште по првите десет минути во кои Работнички имаше 28-19, а потоа, откако на пауза се замина со 58-39, вториот дел од мечот беше само рутина.

Бугарскиот интернационалец Чавдар Костов со 28 поени и Ѓорѓи Чековски со 20 поени беа предводници во тимот на Работнички, додека кај Гостивар, Ефианаи и Тасовски постигнаа по 12 поени.

Работнички е на второто место во Суперлигата, а наредниот дуел е во Гевгелија, со тимот на Блокотехна. Гостивар, пак, го пречекува тимот кој игра во најдобра форма, МЗТ Скопје.