Работнички минимално подобар по драмата со Хелиос во АБА-2

Македонскиот кошаркарски колектив Работнички дојде до важна победа за самодовербата во АБА-2 и минимално го совлада словенечки Хелиос Домжале (66-67) во рамки на дванаесеттата рунда.

Двата претставника одиграа еден крајно неизвесен натпревар, а победи посреќниот тим во самиот финиш. Поените за победа паднаа на повеќе од една минута пред крајот, па благодарение на грешките во финишот, Домжале му дозволи на Работнички да ја земе посакуваната победа на своето конто.

Првата четвртина ја одбележаа мал број на поени (14-12), а во вториот квартал, Работнички имаше повеќе од играта и ја презеде предноста. Центарци пред паузата имаа предност од девет поени (29-38), но немаа сила и доволно долг ростер за да ја одржуваат до самиот финиш. Хелиос по полувремето преполови на три негатива (49-52) и оттогаш па се до самиот крај на натпреварот резултатот беше тесен и неизвесен.

Двата тима си го предаваа водството на стартот на последниот период, а Работнички дојде до победата благодарение на поените на Младеновски на скоро 100 секунди пред крајот. Во последните минута и пол и двата тима загубија по една топка и промашија по еден напад.

Бундовиќ со 21 поен и Младеновски со „дабл-дабл“ од 20 поени и 14 скока беа најдобри кај Работнички, додека трето име беше Мулалиќ со 12 поени. Кај Хелиос, Махкович реализира 16 поени, пред Миртиќ со 13 поени.

За Работнички ова беше четврта победа, а последниот меч во балонот во Златибор го игра на 28 март против Слобода.