Работнички ќе поднесе жалба и кривични пријави за врвот на МКФ

Преминот на Ксавиер Џонсон во шампионот Работнички не беше комплетиран навреме, па американскиот кошаркар нема да може да настапува за македонскиот првак до крајот на сезонава, информираше Кошаркарската федерација на Македонија. Регистрациската комисија поради некомплетна документација не му излезе во пресрет на клубот од Скопје, а Работнички веднаш се огласи со соопштение кое ви гопренесуваме во целост.

  • Соопштението на КК Работнички:

„Ве информираме дека КК Работнички ќе поднесе жалба до МКФ и арбитражната комисија за одбивањето за регистрација за играчот Ксавиер Џонсон. КК Работнички истакнува дека ги запази сите рокови и ги достави сите потребни документи за регистрација на странски играч, вклучително и лекарското уверение кое не е постаро од шест месеци, а беше наведено како причина за одбивањето на регистрацијата од страна на МКФ. Со оваа одлука МКФ директно му прави штета на КК Работнички пред претстојниот Куп, но и во останатиот дел на првенството. 

Воедно, информираме дека КК Работнички поднесе „барање за постапување" согласно правилникот на МКФ да ги суспендира сите клубови кои не ги исплатиле своите обврски кон федерацијата. Според нашите информациите, на МКФ речиси сите клубови му должат огромни суми, а согласно правилникот комесарот на МКФ треба да ги суспендира се додека не ги подмират обврските. 

Доколку МКФ не постапи по барањето, КК Работнички ќе поднесе соодветни кривични пријави за злоупотреба на службена положба за раководните лица во МКФ кои ќе постапат спротивно на правилникот“, се вели во соопштението.

Утре во Гевгелија се играат четвртфиналните натпревари од Купот на Македонија, а Работнички минатата година загуби во финалето од МЗТ Скопје.