Работнички ќе игра во „Градски парк“, но само до Суперлига?

Управникот одбор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на состанок ќе го утврдува статусот на салите „Градски парк“ и „Кале“ во кои играат Работнички и Вардар и во истите ќе биде дозволено да се игра кошарка барем во наредните неколку месеци.

Пред стартот на сезоната, инспекциите на МКФ извршија проверки во сите спортски објекти во нашата земја во која играат прволигашите, па се утврди дека во салите на двата тима од главниот град не постојат услови и дека таму нема да може да се игра кошарка.

Но, на состанокот се очекува двата тима да добијат „зелено светло“ за своите сали и да им биде дозволено таму да ја почнат сезоната. Останува отворено прашањето, дали Работнички ќе може да ја игра целата сезона таму, затоа што неофицијално, ќе биде дозволено „Градски парк“ да се користи само во првиот дел од сезоната, до стартот на Суперлигата.

Новата сезона од Првата кошаркарска лига стартува овој викенд. Работнички е бранител на тронот, а во првото коло ќе игра на гостински терен кај Охрид. Вардар, пак, во „Кале“ ќе го пречека Куманово.