Работнички ќе го предизвика вицепрвакот во дербито на осмото коло

Двомечот против репрезентацијата на Литванија во квалификациите за Евробаскетот 2025 веќе e архивирано, следно на ред во Првата лига е осмиот круг од натпреварувањето. Коло кое со себе носи доста интересни двојки, од кои се издвојуваат неколку. Пред сè оние две во кои се вклучени двете најдобри екипи во ланскиот шампионат.

Актуелниот бранител на титулата, МЗТ Скопје Аеродром на свој терен во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Кожув, за нив скоро секогаш незгоден ривал во минатото, и кој со себе можеби носи некоја предност со оглед на тоа дека „половина“ од тимот од Аеродром имаше репрезентативни обврски за разлика од екипата од Гевгелија која имаше време и за одмор, но и за подготовки на веројатно најтешкото гостување во сезоната.  

Актуелниот вицешампион, битолски Пелистер пак гостува во Скопје, но кај вечниот опонент на „сино-белите“, екипата на Работнички, веројатно и дерби на овој круг од натпреварите, кој е закажан за недела, од 19:00 часот, токму во салата на СРЦ „Кале’. Секако во обид да го „поправат“ киксот кој го направија пред паузата, односно поразот од Шкупи на домашен паркет во Битола. Од друга страна, Работнички повторно направи измени во ростерот, тренерот Горан Самарџиев пак не можеше да работи максимално во отсуство на репрезентативните играчи како Стојан Ѓуроски, Дамјан Робев и Виктор Ефремовски, па оттука оној „ден плус“ ќе биде искористен за максимална подготовка против, извесно, квалитетниот противник.

Она што е впечаток плус во ова коло е што сите шест меча ќе се играат во главниот град. Тоа значи дека и двете водечки екипи во елитната конкуренција, остануваат „дома“. ТФТ ќе се „помести“ педесетина метри, и во сабота, од 13:00 часот, ќе му гостува на Вардар. Од друга страна пак екипата на Чаир 2030 е домаќин на кавадаречки Тиквеш Голден Игл, во мечот кој е закажан за недела (19:00 часот), во салата „Шабан Трстена“. Екипата која е во одличен играчки и резултатски ритам, Шкупи, ќе има шанса да стигне до нов успех, но мечот со МКК Куманово (поради зафатеност на СРЦ „Кале“ го „преселија“ во СЦ „Јане Сандански“, а ќе се игра на првиот ден од декември, од 16:00 часот. Екипата на Феникс 2010 пак ќе се обиде да стави крај на резултатската криза во дуелот со Гостивар кој ќе се игра во сабота, од 20:00 часот, исто така во малата сала на СЦ„ Јане Сандански“.

  • Парови и термини за осмото коло во Првата лига:

30 ноември, сабота
Вардар - ТФТ (Сала на КК Вардар, 13:00 часот)
МЗТ Скопје - Кожув (Мала сала во СЦ „Јане Сандански“, 17:00 часот)
Феникс 2010 - Гостивар (Мала сала во СЦ „Јане Сандански“, 20:00 часот)

1 декември, недела
Шкупи - МКК Куманово (СЦ „Јане Сандански“, 16:00 часот)
Чаир 2030 - Тиквеш Голден Игл (Сала „Шабан Трстена“, 19:00 часот)
Работнички - Пелистер (СРЦ „Кале“, 19:00 часот)