• Саше Љолес

Екипата на Работнички убедливо славеше во денешниот првенствен натпревар против гостинскиот состав на Струмица. Најтрофејниот македонски клуб го доби дуелот со резултат 99-66. Дуелот од 18. коло на шампионатот во СРЦ „Кале“ беше практично едносмерен, скопскиот тим доминираше и целосно го надигра ривалот.
- Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Струмица:
Тимот на тренерот Димитар Мираковски беше доминантен во текот на целиот меч и сосема заслужено забележа нова победа. Клучната предност Работнички ја создаде во првите две четвртини кои ги доби со убедливи 37-12 и 27-14.
Струмица одигра малку подобро во последниот период од мечот (го доби со 23-16), кога победникот веќе одамна беше решен, а Мираковски успеа и да одмори дел од играчите кои играа од почетокот на мечот. На крајот резултатот гласеше убедливи 99-66 во корист на домашниот тим. Десетта сезонска победа за Работнички привремено го искачува дури на третото место во лигата, но другите екипи допрва ќе ги одиграат своите натпревари.
Најефикасен на натпреварот беше играчот на Работнички, Ѓорѓе Џелетовиќ кој постигна 21 поен, а кај победничката екипа имаше уште четворица двоцифрени - Умпик, Бакоч, Шошкиќ и Тодоровски. Кај поразената екипа на Струмица најефикасен играч беше Димитриев со 14 постигнати поени.