Работнички ја надмина кризата, во финишот го скрши отпорот на Кожув

Екипата на Работнички полека ја остава кризата зад себе и во рамки на 7. коло од кошаркарската Суперлига како гостин кај Кожув успеа да слави со 79-85, за вкупно 22. радост сезонава.

Центарци имаа три порази во низа, но славеа над Куманово, а триумфот во Гевгелија е уште еден чекор напред во надминувањето на кризата. Избраниците на Марин Докузовски до победата дојдоа во последниот квартал, во последните пет минути, кога беа посталожени во шутот.

Кожув имаше контрола на играта 30 минути, а во последниот период се се распадна. На полувремето домаќинот водеше со 45-39, во последните десет минути се влезе со резултат 63-65, а разликата се направи кога од 73-75, Работнички додаде „гас“ и со тројките на Караџовски и Мираковски го реши прашањето околу победникот. До финишот, Кожув дојде на „минус три“ (79-82), но немаше сила за епски кам-бек.

Најдобар кај шампионот беше бугарскиот интернационалец Чавдар Костов со 22 поени, го следеше капитенот Мираковски со 21 поен, додека Караџовски постигна 13 поени, а кај Кожув, прва виолина беше Игор Кесар со „дабл-дабл“ од 25 поени и 13 скока.

Во следното осмо коло Работнички ќе биде домаќин на Гостивар, а Кожув го чека гевгелиско дерби со Блокотехна.