• Зоран Мишевски
Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, скопски Работнички, реди порази во регионалната АБА2 лига. Екипата на Горан Самарџиев претрпе петти пораз во петтиот натпревар од групниот сегмент на второто по ранг јадранско натпреварување. Центарци вечерва беа надиграни од Сутјеска од Никшиќ со 94-75 (23-20, 26-25, 22-15, 23-15). Ѓуроски и Полутак не ни допатуваа во Црна Гора и со тоа им ја олеснија ситуацијата на домаќините.
Две четвртини траеше отпорот на македонскиот тим, а потоа пошироката домашна клупа и поддршката од црногорската публика дојде до израз и бодовите останаа во Никшиќ. На влезот во последниот квартал Баровиќ и другарите дојдоа скоро и до дваесет разлика, па на крајот спавеа со 19 разлика.
Во тимот на Сутјеска се истакнаа Старовлах и Баровиќ со по 24 и Спасојевиќ со 15 поени, а кај Работнички најефикасни беа Капетановиќ со 18 и Ефремовски со 15 поени.
Работнички ќе заврши на последното место во групата, откако во претходното коло ги загуби шансите за пласман во следната фаза. Последниот натпревар од групната фаза Работнички го игра на 18 декември во Скопје против Војводина.