Работнички: Горди сме што „наше дете“ стана претседател на МКФ

Македонската кошарка доби нов  водач, Перо Антиќ и официјално ќе го наследи Петар Наумоски на претседателското столче на Македонската кошаркарска федерација. 

Македонската кошаркарска легенда на денешното Изборно собрание ја доби довербата од клубовите, а најтрофејниот Работнички јавно му честита за изборот и му посака многу успеси во понатамошната работа. 

  • Соопштението на Работнички: 

Почитувани,

КК Работнички му ја честита на Перо Антиќ функцијата претседател на Македонската Кошаркарска Федерација и му пожелува многу успех во извршување на своите задачи.

Како што претходно објавивме, ние како клуб силно веруваме во програмата што ја понуди Перо Антиќ и дека на чело со него, ќе добиеме сите, и клубовите, и репрезентацијата, и кошарката, воопшто. Неговите решенија ветуваат развој и издигнување на македонската кошарка на нивото кое го заслужува овој спорт. Освен прогресивните идеи кои ги има нашата спортска икона, уверени сме дека тој, како прв човек на македонската кошаркарска куќа ќе спроведе нормализирање на односите во клубската кошарка и позиционирање на репрезентативната кошарка во високите европски кошаркарски елити.

Со надеж за успешна соработка, уште еднаш го поздравуваме изборот на Перо Антиќ за претседател на КФМ и ја користиме оваа прилика да истакнеме дека сме особено горди што тој доаѓа од нашите редови, односно од школата на КК Работнички, а бидејќи ги минал сите фази во кошаркарското растење, цврсто сме убедени дека ќе даде максимален придонес за развој на младинските лиги и неговите кошаркарски успеси ќе бидат инспирација за многу млади да почнат да се дружат со баскетот.

Со почит, 
КК РАБОТНИЧКИ

Антиќ е десеттиот претседател на МКФ, по осамостојувањето на Македонија. Пратходно оваа фукција ја извршуваа Душан Петрески, Благоја Самакоски, Зоре Темелковски, Јордан Камчев, Горан Рафајловски, Леонид Гајдаџиев, Драгољуб Арсовски, Даниел Димевски и Петар Наумоски.