Работнички го совлада Куманово во супер-дуел како најава за Купот

Екипата на Работнички забележа триумф во мечот со Куманово (88-79), а и двата тима понудија супер-кошаркарски натпревар со возбудувања, како најава за четвртфиналниот дуел од Купот на Македонија.

Мечот наговестуваше лесен триумф за центарци, ако се земе предвид дека првата четвртина му припадна на домаќинот со убедливи 31-18. Позитивата се задржа и до полувреме (47-38), а со водство од девет поени се влезе и во последните десет минути (67-58), во кои почна отпорот на Куманово.

На стартот на последниот квартал, гостинот направи серија од 0-11, на која кумуваа Ковач, Тодоровски и Мекиќ. Куманово за првпат по долго време поведе на средбата (67-69), но тоа како да го налути Работнички, па тимот на Докузовски по тајм-аут почна да игра како што знае и пак ја врати двоцифрената предност (81-71). До финишот Куманово бркаше негатива, но не успеа да ја достигне.

Најдобри кај победникот беа Мираковски и Костов со по 19 поени. Крстевски даде 17, додека Караџовски финишира со 15 поени. Кај кумановчани, Думиќ реализира „дабл-дабл“ од 22 поени и 11 асистенции.