Работнички го претстави првото засилување за новата сезона

Кошаркарскиот клуб Работнички го официјализираше првото засилување во пресрет на новата натпреварувачка сезона. Нов член на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив е Фатјон Реџа, кој пристигнува од редовите на Чаир 2030.

Реџа во изминатите четири сезони настапуваше за скопскиот клуб и беше еден од поважните играчи во тимот. Во минатата сезона одигра 25 натпревари на кои во просек бележеше 12,2 поени, 6,7 скока и 2,7 асистенции по натпревар.

Станува збор за кошаркар висок два метри, кој може успешно да одговори на позициите крило и крилен центар, а покрај статистичкиот учинок се издвојува и по својата борбеност, енергија и тимска игра.

Со ангажманот на Реџа, Работнички го отвора летниот преоден рок и ги започнува активностите за формирање конкурентен состав за новата сезона, во која клубот ќе има високи амбиции на домашната сцена.