Работнички го прескокна Кожув за „три од три“ во новата сезона

Кошаркарите на Работнички останаа перфектни и по третото коло од новата сезона, откако денес на гости ја совладаа екипата на Кожув во Гевгелија со 84-95.

Тренерот Димитар Мираковски може да биде задоволен од денешната игра на своите избраници. Тимот од „Градски Парк“ побегна во првата, а направи клучна разлика за победа во третата четвртина. Гостите го отворија мечот со 30 поени по првите десет минути. Одличната игра во напад му овозможи на Работнички замине на пауза со предност (53-46).

Дилемите околу победникот беа решени на стартот од второто полувреме. Капитенот Кирил Николовски беше најзаслужен што предноста стана двоцифрена и со тоа недостижна за противникот. Катастрофалниот почеток на последниот квартал на гевгеличани, кои постигнаа само два поени во четири минути, уште повеќе им ја олесни работата на гостинските кошаркари.

Работнички беше одличен во шутот за два поени, кој го реализираше со речиси 70% успешност. Тоа и позитивата по бројот на скокови и асистенции беа причините за третата сезонска победа на Мираковски и неговите играчи.

Николовски го заврши мечот со 22 поени, Балмазовиќ постигна 18, а Враговиќ запиша 15 поени. Кај Кожув се истакнаа Максвел со 22 и Караџовски со 21 поени.