Работнички го надигра Ловќен и ја „грабна“ втората АБА победа

По стартниот пораз од Студенски Центар, нашиот нов претставник во второлигашкото друштво на АБА, Работнички ја запиша втората победа во низа во првиот турнир кој се игра во Златибор. 

Најтрофејниот кошаркарски колектив од нашата држава денес одигра нов квалитетен натпревар и на рутински начин славеше над екипата на Ловќен Цетиње, со резултат 82-77 (17-16, 22-16, 18-17, 25-28).

Избраниците на Мираковски иако не отворија како што посакуваа и дозволија противникот да биде тој кој ќе го контролира мечот, кон крајот на првата четвртина успеаја да го преземат водството, кое не го испуштија до крајот на натпреварот. Во втората и третата четвртина Работнички беше тој кој ги диктираше настаните на паркетот и од минута во минута го зголемуваше водството, кое кон средината на финалните 10 минути достигна највисоки +16 (98-52). Ловќен во самиот финиш „загриза“ и стигна до -7, но немаше сили за изненадување и заслужено загуби со 82-77.

Најдобри поединци во редовите на Работнички беа Балмазовиќ со 18 и Питс со 17, додека двоцифрен беше уште Николовски со 12 поени.