Работнички го договори Бобан Стајиќ

Еден од најдобрите кошаркари на Куманово, репрезентативецот Бобан Стајиќ, од следната сезона ќе го носи дресот на шампионот Работнички. 24-годишниот Стајиќ ќе биде големо засилување за Марин Докузовски и негово враќање во главниот град, каде до минатата сезона го носеше дресот на МЗТ Скопје.

Стајиќ кариерата ја почна во 2011 година во Лирија, потоа го облече дресот на Фени Индустри, пред целосна афирмација да доживее во МЗТ Скопје и Куманово. 185-сантиметри високиот плејмејкер во последната една година стандардно е повикуван од селекторот Јорданчо Давитков во претквалификациите и квалификациите за следниот Евробаскет. 

Куманово и во новата сезона ќе биде воден од Александар Петровиќ, а од претседателската позиција си заминува Младен Давидовиќ, за неговото место да дојде поранешниот кошаркар Александар Крстевски.