Работнички го демолира Шкупи со 35 поени разлика!

Кошаркарите на Работнички со неверојатна победа ја започнаа новата година. Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив во првиот натпревар во 2025 година славееше над Шкупи со 103-68 во рамки од 13. коло од Првата лигата. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Шкупи:

Центарци важеа за фаворити на овој натпревар, но ретко кој очекуваше победа од дури 35 поени разлика. Работнички уште од самиот старт наметна темпо на игра кое Шкупи не можеше да го следи. За краток период водството на домаќинот се искачи на десет поени, разлика со која и заврши првата четвртина (23-13). 

Во вториот период, момците на Самарџиев удрија уште посилно и немилосрдно го полнеа противничкиот кош. Шкупи влезе во сериозни проблеми, особено во дефанзивата, па предноста на Работнички достигна 24 поени (53-29). Ништо не се промени ниту во останатите две четвртини. Фаворитот во еден момент поведе со неверојатни 48 поени разлика (94-46), а на крај на семафорот беше 103-68 за најтрофејниот македонски клуб.

Најпрецизен кај Работнички беше Стојан Ѓуроски со 22 поени, а Полутак натпреварот го заврши со 17 поени. На спротивната страна Арнолд и Златевски запишаа по 18 поени.