Работнички ги изнесе идните планови, се планира изградба на нова сала!

Кошаркарската екипа на Работнички заедно со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ организираа прес-конференција за идните планови и реконструкцијата на салата во Градски Парк. 

Богдановиќ на средбата со новинарите изнесе незадоволство за изминатата сезона во резултатска смисла, но најави целосна реконструкција на тимот. 

„Оваа година не успеавме да ги постигнеме очекуваните резултати на спортски план во македонската и меѓународната кошаркарска лига и поради тоа како раководство започнуваме со целосна реорганизација на самиот клуб, за КК Работнички да го постигне нивото што го заслужува-најтрофеен клуб и кошаркарски бренд. Започнати се преговори за ангажирање нови играчи и тренери за следната сезона што ќе го комплетираат и надградат клубот, а новата и подмладена екипа ќе има цел да направи одредени промени и да го врати победничкиот пат кој секогаш го имал нашиот Работнички“, изјави Саша Богдановиќ

Покрај Богдановиќ, зборуваше и првиот човек на Работнички, Ристо Гапиќ. Претседателот најави дека во наредниот период клубот ќе се занимава повеќе со младите категории, со цел да излезат повеќе таленти во иднина. 

„Македонската кошарка според сите направени анализи се соочува со недостаток на добри играчи, а бастионот и родилката на кошаркарските играчи во минатото била Работнички. Сметам дека во наредниот период тоа ќе биде и наша заложба како Управа и ќе преземеме значајни чекори за да потврдиме дека нашиот Работнички е кошаркарски клуб што креира таленти и млади спортисти и достоинствено ќе го врати сјајот на нашиот клуб“, изјави претседателот на КК Работнички, Ристо Гапиќ.

Најавите од Општина Центар и Работнички велат дека се работи на изградба на нова модерна кошаркарска сала и целосен комплекс на кој ќе може да се развиваат и другите сегменти на тимот.