Работнички без успех на петти меч по ред, го положи оружјето и пред Тиквеш

Екипата на Работнички петти натпревар по ред не знае за победа, затоа што доживеа пораз и во соочувањето против Тиквеш (85-74) во меч кој се одигра во Кавадарци во рамки на Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Работнички:

По поразите во дербијата со ТФТ, Пелистер, МЗТ Скопје и Куманово, тимот на Владимир Мирковски остана со празни раце и во салата „Јасмин“, во меч во кој домаќинот дојде до триумф со една добра четвртина.

Главната разлика која на крајот вредеше победа, црвено-белите ја направија во вториот период кој го добија со убедливи 31-10. Останатите квартали беа во знакот на центарци, но залудно, затоа што тешко се анулираше таа висока двоцифрена негатива која се стекна пред паузата. На гостинот не му помогна ниту новото засилување Александар Костоски кој за десетина минути на теренот не шутираше. 

Најдобар поентер кај домашните беше Хенри со 16 поени, пред Хокинс исто така со 16 поени, додека Минси заврши со 14 поени, а кај Работнички, Рикиќ имаше „дабл-дабл“ од 20 поени и 13 скока, пред Ефремовски кој реализира 18 поени, додека Робев заврши со 13 поени.

Работнички со овој пораз испадна од плеј-оф зоната и се наоѓа на деветтото место со скор 5-9 по 14 одиграни меча. Тиквеш, пак, го прескокна ривалот и има скор 6-8.