• Горан Упале

Првото овосезонско „вечно“ дерби во АБА лигата ги оправда очекувањата на кошаркарските фанови на Балканот, а Црвена Звезда на еден начин му се реваншираше на Партизан за поразот во Евролигата и пред својата публика славеше со 89-84.
По долго време Црвена Звезда полусезоната во Евролигата ја заврши со позитивен скор од 9-8, а во регионалното натпреварување врза девет победи, што беше дополнителен мотив за „црвено-белите“ вечерва да слават над големиот ривал. На другата страна, по перфектниот старт во АБА лигата и единаесет последователни победи, Партизан загуби во претходното коло од Будуќност, а вечерва не успеа да се врати на победничките патеки, бидејќи големиот ривал беше за нијанса поквалитетен.
„Црвено-белите“ помотивирано го отворија големото дерби и поведоа со 10-5, но четата на Обрадовиќ експресно возврати и со одличен финиш се избори за минимално водство на првата мала пауза од 23-26. Возбудливо и ефикасно беше и во втората четвртина. Партизан во неколку наврати беше на прагот за прва двоцифрена предност, но откако не го искористи тоа Црвена Звезда влезе во ритам и негативата ја намали на само еден поен. На полувреме се замина со 50-51, а Црвена Звезда остана без Филип Петрушева, кој нервозата од претходниот дуел во Евролигата ја пренесе на вечерашниот натпревар и поради две технички грешки заработи исклучување.
Израмнето беше и во третиот период, во кој Црвена Звезда по подолго време одново го презеде водството и од поповолна позиција влезе во завршницата. Во моментите кога се кршеше резултатот, нервоза завладеа во двата табора, грешките беа сè почести, а во играта на нерви подобро се снајдоа кошаркарите на Црвена Звезда и славеа со 89-84.
За Црвена Звезда во листата на стрелците се запишаа сите единаесет кошаркари, а најпрецизен беше Недовиќ со 12 поени, додека најрасположен кај Партизан беше Браун со 18 поени.