Првиот пик на НБА-драфтот во 2010 година замина во пензија

Еден од најистакнатите американски кошаркари во последната деценија, Џон Вол, стави крај на својата професионална кариера на 34 години. Поранешниот плејмејкер, познат по својата брзина, атлетски способности и преглед на играта, официјално објави дека се повлекува од натпреварувањето.

Вол, кој беше прв избор на драфтот во 2010 година од страна на Вашингтон Визардс, брзо се наметна како еден од највозбудливите плејмејкери во НБА. За време на неговите најдобри години, тој беше петкратен учесник на Ол-стар викендот и важеше за играч кој можеше да ја промени динамиката на секој натпревар.

Иако кариерата му беше засенета од серија тешки повреди, неговото влијание на паркетот остана значајно, особено во годините кога Визардс беа конкурентна екипа во Источната конференција.

Во текот на својата 13-годишна кариера, Вол настапуваше за Вашингтон Визардс, Хјустон Рокетс и Лос Анџелес Клиперс. Неговите бројки вклучуваат просек од над 18 поени и околу 9 асистенции по натпревар, што го става меѓу најдобрите плејмејкери на својата генерација.