Првиот човек и спортскиот директор на Скопје: Да ја надоградиме ланската приказна!

Кошаркарскиот клуб Скопје 2023 со ново име и нови амбиции влегува во новата сезона во Суперлигата. Тимот кој минатата сезона настапуваше под името Маџари и стигна до финалето, в недела ќе го одигра првиот натпревар, а противник ќе биде Кожув.

На денешната прес конференција пред почетокот на сезоната, претседателот на клубот Боро Атанасовски ги сподели очекувањата за новата сезона и првиот предизвик.

„Имаме нов управен одбор на КК Скопје. Го ребрендиравме бидејќи сакаме поддршка од целиот град, да ја збогатиме атмосферата со уште еден клуб со добра организација. Да го кренеме нивото на организациско и спортско поле, а со тоа да ги привлечеме гледачите да гледаат квалитетни натпревари. Ако не направиме база за иднината, понатаму да ги развиваме и младинските категории, бидејќи ако ги немаме тешко дека ќе направиме македонски играчи. Мојата цел не е само да се натпреваруваме, туку да направиме играчи кои би биле основа на екипата во иднина. За да напредуваме во иднина, да играме во АБА-2 или во некоја перспектива во АБА, мора да поставиме здрава основа. Мислам дека со овој состав во управниот одбор можеме да направиме напредок. 

Мислам дека со толку промени во ростерот кои се случуваат и во текот на сезоната, тешко е да се претпостави каде би завршиле. По неколку кола, откако ќе се постават работите ќе знаеме како стоиме. Ние сакаме да се крене нивото кај сите, па да имаме 6-7 клуба кои би се бореле за врвот, само така ќе напредува македонската кошарка“, изјави претседателот Боро Атанасовски. 

Освен него, обраќање имаше и спортскиот директор Далибор Доневски, кој кажа:

„Оваа година продолжува ланската приказна. Оваа година треба да ја надоградиме да бидеме подобри. Лани многумина не веруваа во нас и сметаа дека нема да направиме резултати, ама ние на теренот го покажавме спротивното. Сега пак имаме цел да постигнеме добар резултат. Имаме целосно изменет состав, нов тренер, целосна екипа. Се надевам дека ќе продолжиме во исто темпо. Мое мислење е дека новата екипа е подобра во однос на онаа ланската. Не е секогаш како што замислуваме, ама имаме подобрување на сите услови надвор од теренот. За првиот натпревар вратите на салата ќе бидат отворени за сите навивачи“.

Натпреварот меѓу Скопје и Кожув в недела се игра во терминот од 18:30 часот.