• Саше Љолес
Капитенот на Анадолу Ефес, Шејн Ларкин, ќе остане надвор од терените уште извесен период поради потешка повреда на препоните, со што неговото отсуство од натпреварите се продолжува за уште најмалку пет недели.
Американскиот плејмејкер со турски пасош веќе подолго време не настапува за истанбулскиот клуб поради незгодната повреда поради која мораше да оди и на хируршка интервенција. Поради закрепнувањето и рехабилитацијата, тој пропушти повеќе натпревари оваа сезона.
Според информациите од клубот, закрепнувањето на Ларкин трае подолго од првично очекуваното, па неговото враќање на паркетот повторно е одложено. Капитенот на турскиот тим веќе неколку месеци е надвор од составот и продолжува со терапиите и процесот на рехабилитација.
Неговото отсуство е сериозен удар за Ефес, бидејќи станува збор за еден од најважните играчи во тимот и долгогодишен лидер на составот од Истанбул. Клубот се надева дека Ларкин ќе се врати на терените кога целосно ќе се опорави и ќе може повторно да помогне во борбата во Евролигата.



