ВИДЕО: Првакот тргна со пораз, Лејкерс падна во супер-дербито со Клиперс!

Новата сезона во НБА-лигата понуди супер-дерби уште во првиот ден. Актуелниот владетел Лос Анџелес Лејкерс се судри со градскиот ривал Лос Анџелес Клиперс, но го положи оружјето (116-109), иако на располагање ги имаше сите играчи.

  • Извештај од натпреварот:

Дуото Џејмс и Дејвис немаше решение за ѕвездите на спротивната страна - Каваи Ленард и Пол Џорџ, кои одиграа феноменално. Лос Анџелес Клиперс беше во предност практично цел натпревар и им најави на шампионите дека нема да им е воопшто лесно да го одбранат тронот оваа година.

„Езерџиите“ не го стартуваа натпреварот според планот, а ривалот сето тоа добро го искористи. Леброн Џејмс имаше тежок старт, промаши три шута во низа, па одговорноста мораше да ја преземат останатите. Тимот не ја вршеше добро задачата, затоа што Клиперси се одлепија двоцифрено (16-5) и ја држеа високата предност.

Пред самиот крај на првиот период, резултатот гласеше +22 за разиграниот Лос Анџелес Клиперс (39-17), а вториот период беше сосема спротивен, затоа што Џејмс фати ритам, па потпомогнат од Шредер и Дејвис, го врати својот тим на пристојна негатива на полувремето (56-54). Третиот квартал беше претежно изедначен, а разликата пред крајот ја направи феноменалниот Пол Џорџ, кој реализира 15 поени со шут 6/6.

Водството константно беше на страната на Клиперси, во последниот период се влезе со единаесет поени позитива (78-89), па Каваи Ленард и Пол Џорџ не дозволија овој пат противникот да им се приближи и да им ја загрози посакуваната победа.

Најдобар кај победникот беше Џорџ со 33 поени, пред Ленард со 26, а добра поддршка им беше Ибака со 15 поени и шест скока. Кај Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс реализира 22 поени, Дејвис имаше 18. Вреди да се напомене одличното деби на Шродер за Лејкерси со 14 поени, 12 скока и 8 асистенции.