Првакот на Црна Гора добива државна помош од 1,5 милиони евра

Иако не успеа да стигне до шампионскиот трофеј во регионалната АБА-лига, Будуќност од Подгорица остави силен впечаток оваа сезона. Подгоричани направија големо изненадување со елиминацијата на актуелниот шампион на Србија – Црвена звезда, ама во финалето, сепак, беа поразени од Партизан.

За постигнатиот успех и борбениот дух, клубот ќе добие значајна финансиска поддршка од државата. Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, преку објава на социјалната мрежа „Твитер“, соопшти дека Владата одлучила да го поддржи Будуќност со финансиска инјекција од 1,5 милиони евра.

„Кошаркарите на Будуќност со пласманот во финалето на АБА лигата заокружија одлична сезона. Малку недостасуваше трофејот да стигне во Подгорица. Со одлука на владата, ‘МонтеПат’ и ‘Аеродроми на Црна Гора’ ќе бидат партнери во остварувањето на идните шампионски амбиции на овој клуб и ќе го поддржат со 1,5 милиони евра“, изјави Спајиќ.

Поддршката од државата претставува поттик за понатамошен развој и амбиции на клубот, кој и понатаму останува меѓу најзначајните спортски колективи во Црна Гора и пошироко на Балканот.

ФОТО: АБА Лига / Партизан Mozzart Bet / Драгана Стјепановиќ