• Саше Љолес

Уште две кола остануваат до крајот на првиот дел од сезоната во Првата македонска лига. Оние во кои ќе биде дефинирано кои екипи ќе продолжат во плеј-офот, а кои ќе мора да се задоволат со играње за опстанок во оваа конкуренција.
Во пресрет на 13. коло, извесно е дека од оние кои се квалификуваат како дерби, најинтересен ќе биде дуелот во Струмица. Закажан е за среда навечер од 20:15 часот и ќе се игра во салата „Никола Карев“, во кој лидерот на табелата во групата Б, Струмица ФМП за противник ја има екипата на Бутел.
Струмичани се многу блиску до реализација на амбициите, односно првата стартна позиција во доигрувањето преку кое се стигнува до Супер лигата.
Но, за противник јаа имаат екипата од Бутел, која во досегашниот дел од сезоната покажа дека може и знае да изненади, за што говори и нивниот скор од седум победи и три порази. Или само еден повеќе во однос на струмичкиот состав, што им дава шанса со евентуална победа да размислуваат и за челната позиција на табелата.
Со победа на овој натпревар, кошаркарите на Струмица ФМП и дефинитивно ќе го потврдат првото место во оваа конкуренција, во која истиот ден од 16:30 часот ќе играат екипите на Овче Поле и Струмица Ролинг, а ден подоцна, во 16:00 часот во Кавадарци ќе се сретнат екипите на Спортисимо и Борец баскет.
Во групата А, екипата на Вардар со победа над Младинец во натпреварот кој е закажан за среда (од 21:15 часот), ќе се изедначи со скорот кој го има прилепски Мега баскет (9-2), и ќе се стекне со реални шанси да остане на првото место (имаат подобар скор во меѓусебните дуели со екипата од Прилеп).
Екипите на Охрид (6-5), и на Водно санс (6-4) се во трка за позицијата број три во ова друштво. Охриѓани патуваат во Тетово, каде во среда навечер од 19:00 часот ги чека дуелот со екипата на Тетекс ТТК. А во четврток в 15.30 часот, во Струга ќе играат Црн Дрим и Водно санс.