• Зоран Мишевски
Прекината е долгата победничка серија на Кливленд Кавалирс. Најдобриот тим во Источната конференција вечерва беше поразен пред своите гледачи, по пресвртот во вториот дел, во дуелот со Орландо Меџик (103-108). Ова е само единаесетти пораз од почетокот на сезоната, со дури 56 победи. Со оглед на тоа што имаат убедлива предност во однос на второпласираниот Бостон Селтикс, овој пораз не е премногу болен за тимот на Кливленд, додека вечерашниот триумф многу му значи на Орландо во борбата за пласман во плеј-офот, кој сега се зацврсти на осмото место на Истокот со 32 победи и 37 порази.
Паоло Банкеро беше најдобар играч во победничкиот тим со 24 поени, 11 скока и 7 асистенции, а го следеше Франц Вагнер со 22 поени и 8 скока, додека Картер запиша 16 поени и 14 скока. Кавалирси ги предводеше Мичел со 23 поени, 6 скока и 5 асистенции, додека Ален заврши со 20 поени и 12 скока. За тоа време, Далас ја продолжи својата серија на порази и дополнително ја искомплицира својата позиција во плеј-оф трката.
Маверикси вечерва беа поразени пред своите гледачи од Филаделфија со резултат 130-125. Решавачка беше третата четвртина која домашните ја одиграа слабо, а тој дел од натпреварот Филаделфија го доби со 34-18. Далас сега е на десеттото место на Западот со скор 33-36, а Филаделфија е дванаесетта на Истокот со 23 победи и 44 порази и минимални шанси за пласман во разигрувањето.
Квентин Грајмс беше најдобриот играч за Сиксерси со 28 поени и 6 асистенции, а Вашингтон го предводеше домашниот тим со 29 поени и 12 асистенции.