Проекција на ФИБА: САД лесно до златото, Србија без медал во Париз

Српската кошаркарска репрезентација во полн ек се подготвува за настапот на Олимписките игри во Париз, но ѕвездениот тим на нашиот северен сосед очигледно не ужива голем рејтинг кога се работи за шансите во однос на борбата за медали. 

Избраниците на Светислав Пешиќ ќе бидат предводени од првата ѕвезда во тимот, Никола Јокиќ, но тоа не ја импресионира премногу ФИБА, која има свои предвидувања и проекции. 

Според Светската кошаркарска куќа, Србија нема да стигне до финалето и најверојатно ќе загуби од Франција во мечот за бронзениот медал, додека се очекува селекцијата на Соединетите Американски Држави да ја совлада Германија во битката за златото. 

Србија на Олимписките игри е во групата Ц заедно со САД, Порторико и Јужен Судан. „Орлите“ се вбројуваат меѓу главните фаворити за највисокото место на подиумот, но битката секако нема да биде воопшто лесна.