• Саше Љолес

Екипата на Мајами Хит го загуби првиот натпревар од финалната серија во НБА-лигата од Денвер Нагетс. „Жешките“ се надеваат на многу поуспешно издание на вториот дуел, но тимот ќе биде ослабен поради отсуството на еден од главните играчи во ротацијата на тренерот Ерик Сполстра.
Кејлеб Мартин беше еден од „џокерите“ на Сполстра во текот на целата сезона, но играчот ќе го пропушти вториот меч поради вирус и силна настинка. 27-годишниот Мартин имал висока температура и не се појавил на саботниот тренинг на тимот. Докторите потврдиле дека кошаркарот е заразен со вирус, но не се работи за ковид-19.
Скоро е сигурно дека Мартин нема да се појави на паркетот на следниот натпревар, а ова доаѓа во прилично лош момент за Мајами кој сака да направи „брејк“ во Денвер и со нерешен резултат да ја пресели серијата на источниот брег. „Жешките“ имаа очајна офанзивна партија во првиот дуел и не погодија низа отворени шутеви, а тренерот Сполстра изјави дека „играчите ќе мораат сериозно да работат доколку сакаат да останат конкурентни во финалето“.
Докторскиот тим му најавил на тренерот Сполстра дека Мартин ќе отсуствува три до пет денови, што значи дека тој би можел да се стави на располагање на третиот натпревар од финалната серија помеѓу Денвер Нагетс и Мајами Хит. Вториот меч е закажан за ноќва, со почеток во 02:00 часот по македонско време. Кејлеб Мартин беше еден од најдобрите поединци во финалето на источната конференција и просечно бележеше по 19,1 поен 3,7 скока и 2,3 асистенции по натпревар.